Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Објавено пред
3 часа
- 15 јуни, 2026
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Објавено пред
3 часа
- 15 јуни, 2026
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
Македонија
Мицкоски: Продолжуваме да вложуваме во современа медицинска опрема и развој на трансплантациската медицина
Објавено пред
4 часа
- 15 јуни, 2026
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да инвестира во здравствениот систем, современа медицинска опрема, нови технологии и усовршување на медицинскиот кадар, со цел натамошен развој на трансплантациската медицина во земјата.
Во обраќање посветено на органодарителството и трансплантацијата, Мицкоски истакна дека станува збор за тема која ја надминува медицината и претставува симбол на хуманост, солидарност и грижа за другите.
„Продолжуваме да вложуваме во здравствениот систем, во современа медицинска опрема, во нови технологии, во едукација и усовршување на медицинскиот кадар и во создавање услови трансплантациската медицина да продолжи да се развива и да достигнува нови успеси“, рече премиерот.
Тој нагласи дека органодарителството е еден од највозвишените човечки чинови, бидејќи овозможува спасување и продолжување на животот на луѓе кои чекаат трансплантација.
Мицкоски оддаде почит на донорите и нивните семејства, посочувајќи дека нивната хуманост и несебичност претставуваат пример за целото општество. Воедно, изрази благодарност и до лекарите, хирурзите, анестезиолозите, координаторите за трансплантација, медицинските сестри и целиот медицински персонал вклучен во процесот.
Според него, силен и модерен здравствен систем се гради со континуирани инвестиции во знаењето, луѓето и технологијата, а неопходно е и понатаму да се подигнува јавната свест за значењето на органодарителството.
„Да продолжиме да градиме општество во кое солидарноста не е исклучок, туку правило. Општество во кое хуманоста е наша најголема сила, а грижата за другиот човек наша најголема вредност“, порача Мицкоски.
Read the full article at Makfax →